| |
6 Април, 2006 - 19:29
Зa Измамниците Дел 2
| Продолжение на предходниот пост. Чисто еден личен дневник, на цитати кои ако некого наведат на размислување - премија, ако не трудот на преведувачот ќе остане само лично (помножено со два) задоволство. Сeпак едно прекрасно резимирање на идеите изнесени од авторот. Нoвите цитати кои ви ги приложувам се првите три - под нив ги пренесов оние изнесени во предходната тема, заедно со оние во коментарите на истата. Дokолку сакате редоследно да ги прочитате, почнете од оние под линијата, па продолжете со новите три. Благодарам на вниманието "светулки." Поздрав од "Џереми Кембел" до некое идно време, во кое можеби некој и комплетно ќе го преведе, за малкумината заинтересирани, чисто како екстра интересен увид во сите наши животински игри и потребатa од нивно осознавање. 1. Кога Дарвин го отфрли своето верување во совршената хармонија помеѓу биологијата и живоната средина, се' повеќе почнаа да го интригираат несоодветностите, необичностите, отстапувањата и несразмерностите. Таму каде што Ламарк беше пронашол силни причини за верата во разборитоста и вистинољубивоста на природата, Дарвин со уживање ги откриваше нејзините настраности, неочекуваните пресврти, а понекаде дури и нејзините лудории. За да ги поткрепи своите аргументи по прашањето на природната селекција, тој трагаше по маргиналното, по исчашеното. (...) Дарвин со нескриено уживање го цитира германскиот физиолог Херман фон Хелмхолц, кој беше познат по својата одбојност спрема метафизичкото мудрување: "Може да се рече дека природата со посебно задоволство ги трупала противречностите за да ја лиши од секоја основа теоријата за преетаблираната хармонија помеѓу внатрешните и надворешните светови". Овде ја имаме сржта на дарвинизмот. Нема никакво специјално создавање, никаква однапред дадена усогласеност на свеста со светот. Токму нескладностите снажно го привлекуваа Дарвин. 2 Може ли нагонот на пчелата да го употреби осилото да се смета за "вистинољубив"? Некогаш осилото било инструмент за бушење, назапчено како тестера. Сега, кога се употребува за вбризгување на отров во телото на непријателот, тоа често е справа за еднократна употреба, оти при речиси невозможното вадење го усмртува сопственикот корнејќи му ја утробата. Песот повеќе пати се врти во место пред да легне да спие, очигледно затоа што одамна наназад, во темницата на еволуциското минато, неговите предци себе си го подготвувале леглото со утапкување на високата трева. Денес тоа е само испразен гест. И нагоните можат да станат лажни од позицијата на сообразност кон светот, а со оглед на тоа дека Дарвин сметал дека разумот и нагонот имаат заедничка основа, тогаш сигурно постојат и мисли кои на ист начин се лажни, а со истата моќ за самоодржување. Нагоните исто толку се склони кон прикривања и измами колку и најнечесниот интелект. Ако свеста е орган кој се менува низ генерации, при што некои од промените се сочувуваат а некои отфрлаат, тогаш ние сигурно грешиме кога претпоставуваме дека таа е единствениот и од природата независен инструмент со помош на кој до "вистината" се доаѓа по царски пат. 3. "Учители на сомничавоста" е израз којшто Пол Рикер го примени кон тројца мислители кои во нашево време го оставија легатот на недоверба спрема човечкиот интелект: Карл Маркс, Фридрих Ниче и Сигмунд Фројд. Секој од нив на свој начин искосено гледал на свеста и ја нарекувал лажна. После нив, "трагањето по значење веќе не можеше да се сведе на просто искажување на свеста за него туку го подразбирало трудот на дешифрирање на начинот на кој тоа се манифестира. Мора да се земе предвид дека тројно зголемената недоверба за која станува збор е сразмерна со тројно зголеменото лукавство на самиот предмет". Јас би предложил кон листата на Рикер на недоверливите модерни мислители да се додаде и името на Дарвин. Иако еден од овие сомничави духови, Дарвин во приватниот живот бил исклучително отворен човек, простодушен до наивност. Па сепак, тој е клучната фигура во еволуцијата на недовербата кон свеста која, на прагот на новиот милениум, кулминира во постмодерната скепса кон јазикот како измамлив и саможив медиум, кој со ништо не е врзан за значењата кои лежат во самата свест. ----------------------------------------------------------------------------
"Можеби токму измамливоста е причина што одредени животински однесувања се посложени од што се очекува. Се чини дека изненадувачки комплицираниот начин на комуницирање помеѓу американските светулки настанал како резултат на хронично мамење. Светулките светкаат на мошне прецизно одредени начини за да привлечат соодветен "сопружник". Секој вид има сигнали карактеристични само за својота група. Одредени видови стануваат вешти во имитирањето на сигналите на другите видови за да ги ловат како храна. Типичниот след на половата комуникација почнува со размената на блесоци помеѓу мажјакот во лет и женката која некаде седи, а таа размена е толку едноставна што може да ја копира човек со батериска ламба. Другите се многу посложени. Најсложено е светкањето на светулката од видот Photuris чии женки ги имитираат сексуалните сигнали на женките на другите видови, ги мамат кон себе нивните мажјаци и без одложувања ги прождираат. Овие лукави измамнички понекогаш се кријат во висока трева, ги затемнуваат своите светленца и одговараат само на дел од упатените сигнали за простодушниот мажјак да не може да ја "укопча" работата. Нему му е судено да биде изеден. Мажјаците на одредени видови светулки исто толку се лукави. Тие имитираат "на квадрат" камуфлирајќи се во природните непријатели на сопствениот вид со цел да ги застрашат и избркаат своите соперници во натпреварот за наклонетоста на некоја женка. Некои од вештиве имитатори ќе глумат и слободна женка и мажјак во близина за на тој начин да го намамат конкурентот доволно да се приближи за да им стане оброк. Веројатно со овие жални лукавства може да се објасни зошто комуникацискиот систем на одредени видови светулки е толку разработен и комплициран. Така мисли биологот Џејмс Лојд. "Насетувам дека поголемиот дел од шифрувањата и сложеноста коишто денес ги исчитуваме во сигналите на светулките настанал, не поради селекцијата во контекстот на непречената репродукција ниту дури поради самата сексуална селекција, туку заради селекцијата што ја вршеле грабливци кои, следејќи ги и имитирајќи ги туѓите сигнали, ги подрасчистиле сигналистите со поедноставни и подиректни сигнали", вели Лојд. "Всушност, можеби сложеноста, вклучувајќи ги тука и човековите најзаплеткани процедури, е универзална одбранбена мерка во соочувањето со измамниците во сите видови биолошки системи или дури е резултат на постојаната сооченост со нив. После 'еволуцијата со помош на природна селекција', оваа идеја, можеби, е една од најважните генерализации на темата комуникација." Некои научници се прашуваат дали нагонот кон вистина воопшто е еден од основните нагони на живото суштество. Дали невистината е само паразит на вистината? Или можеме да речеме дека таа е нешто поосновно од вистината? Таа секако има буен живот во долгата приказна на еволуцијата. Во многу случаи, измамата е повеќе правило отколку исклучок. Светулките во текот на целиот живот добиваат повеќе лажни отколку вистинити сигнали, а некои видови птици почесто испраќаат лажни отколку стварни сигнали за узбуна. Она што овде се случува е што колку мамењето е почесто толку е поинтензивна природната селекција низ која се зголемува можноста за негово разоткривање, што за возврат ја засилува природната селекција низ која се усовршува способноста за убедливо мамење. Конечно, природната селекција доведува до нов вид измами, до мамење на себе самиот во поглед на измамата која е наменета за некој друг. Кога измамникот својата измама ја крие од себе самиот, таа со самото тоа станува поубедлива во очите на жртвата.* *фрагмент од книгата "The Liar's Tale, A history of Falsehood" by Jeremy Campbell. W. W. Norton & Company, 2002
|
|
|
Ќерката ја крстија Калина. "Уф, што име, сестри мили! Какво им е ова нерисјанско име: без светија, без именден? " Владо Малески, Разбој “Денес, мила моја, може да се остане жив единствено ако не се праша, ако не се знае ништо, ако не се има очи и мисла за ништо од сево ова што станува околу нас. Обиди се да ми поверуваш...„ – Иван, Коле Чашуле, Црнила “Я не понял брусок музыки в моей жизни, но я чувствовал это” - Игорь Стравинскй 
Барај со Најди!
|
|